„На вистинската страна“. Оваа реченица беше повторена 22 пати во внимателно избалансираниот говор на премиерот, на свеченоста на спомен костурницата во Куманово, со која беше одбележан празникот „11 Октомври“. „Северна“ спомна само двапати, зборувајќи за денешна Македонија и за евроинтеграциите.
Невообичаено, иако во историски контекст, пет пати ја нарече државата – независна Република Македонија.
Изостана какво било спомнување на Бугарија и бугарски, додека окупатор беше спомнат само еднаш, без придавка. Во најголем дел, говорот му беше насочен кон иднината, кон која рече дека гледале и партизаните. Не пропушти да упати критика кон неистомислениците.
Премиерот ја одби поканата на градоначалникот Димитриевски за коктел, но затоа му вети на еден од првоборците дека ќе го однесе во Брисел.
Пред обраќањето на Ковачевски, делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ, која претходно положи цвеќе на споменикот на паднатите борци, ја напушти манифестацијата веднаш по говорот на кумановскиот градоначалник. Нивниот лидер, во денешната порака од Прилеп, беше поостар во однос на прашањето, кој бил окупатор во 1941-та година.
Одбележувањето на празникот и во Скопје и во Куманово се одржа пред искршени и полураспаднати споменици. Од вечниот дом на околу триста борци, загинати во Куманово, фалат имињата на 23-ца.
Вицепремиерката за борба против корупцијата не знае кој е одговорен за одржување на платото пред владата и спомениците, но го осуди ваквиот однос.
За спомениците е одговорно Министерството за култура, а за зеленилото околу нив, општините. Но, и едните и другите, на нив се потсетуваат само на празници.
Далиборка Демјанска Цветановска
