Случајот од изминатава недела во Тетово, кога 54-годишен маж беше снимен како фрла вреќа со отпад во реката Пена, треба да послужи како сериозна поука за сите несовесни поединци. Благодарение на објавената снимка на социјалните мрежи, полицијата брзо го идентификуваше сторителот и поднесе соодветна пријава.
Лицето сега ќе се соочи со судска постапка за кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“. Покрај високите парични казни предвидени за оваа постапка во членот 218,предвидено е изрекување и на затворска казна, во зависност од сериозноста и последиците од самото дело.
По претходно објавено видео на социјалните мрежи на кое се гледа како возач на патничко моторно возило „Цитроен“ со тетовски регистарски ознаки фрла бели вреќи со непознат отпаден материјал во реката Пена во близина на ул. Видоје Смилевски Бато, СВР Тетово презеде итни оперативни мерки. По извршените проверки на сопственоста и полномошно на возилото, пронајден е сторителот Б.С., кој на лице место го признал делото, соопштуваат од свр тетово.
Неколку дена по овој настан на истото место по кејот на реката Пена нашата камера евидентира дека несовесното фрлање отпад не прекинува.
И покрај бројните апели за подигнување на еколошката свест, поединци продолжуваат со фрлањето отпадоци покрај клупите за одмор, зелените површини и слични јавни простори кои воопшто не се места каде треба да се остави смет.
Чувајте го градот – животната средина е одговорност на сите, велат општинските власти.
Општина Тетово нема да толерира никакво загадување на животната средина. Ние неколкупати сме апелирале до граѓаните да бидат посовесни поодговорно да се однесуваат кон животната средина затоа што грижата за истата е обострана. Треба да придонесат и самите институции, но и граѓаните, сите случаи на загадување на животната средина коишто ќе бидат забележани во иднина ќе бидат соодветно и законски санкционирани, порача портпаролката на општина тетово, милена вучевска.
Иако Општина Тетово е меѓу оние со огромен број на вработени административци, од друга страна неколку пати од таму е истакнато дека се соочуваат со недоволно кадар кога станува збор за општински инспектори особено во комуналните дејности.
Општината има дваесетина инспектори кои вршат контроли во сите сектори, па зголемувањето на бројот на комунални инспектори е предизвик на повеќе градоначаланици досега.
Александар Самарџиев
