Вести Македонија Топ вести

(видео)Новаковски за електронско гласање: Државата не е подготвена, една Германија ги фрли машините

Во интервјуто за „Топ Тема“, поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, откри детали за работата на работната група за измени на Изборниот законик од 2023 година и изрази сериозна загриженост за најавите за воведување електронско гласање.

Новаковски објасни дека работната група формирана во летото 2023 година, под водство на тогашниот министер Лога, ја завршила својата задача брзо и ефикасно, но проблемите настанале кога резултатите требало да се имплементираат.

  • „Се бараше да ја завршиме работата што е можно побрзо, се заврши, и тогаш ги видов првите опструкции… Кога привршувавме со работата, претставниците на политичките партии, кога видоа дека не се отвара прашањето за моделот и за отворените листи (бидејќи немавме мандат за тоа), почнаа опструкциите“, откри Новаковски.

Тој додаде дека иако ВМРО-ДПМНЕ официјално не учествувала, нивни експерти индиректно биле вклучени преку ДИК, но на крајот целиот труд на институциите бил игнориран.

Новаковски упати критика и до новиот состав на Министерството за правда, кој според него, се однесува како претходната работна група да не постоела, иако во неа учествувале претставници на сите релевантни институции, вклучувајќи го и Државниот завод за ревизија.

  • „Доаѓа нова власт и сите тие институции се фрлени во вода, трудот што го дадоа доброволно и во текот на летниот период… Сега има некое препишување на делови од работата на групата, но се бега од суштината“, истакна тој, согласувајќи се со констатацијата дека контролата на изборните пари во моментов е како „швајцарско сирење“.

Една од најконтроверзните теми во изборните реформи е воведувањето на електронско гласање преку интернет, за што Новаковски смета дека државата не е подготвена.

Тој потсети на искуствата на многу поразвиени демократии.

  • „Една Германија се откажа и од машините бидејќи на изборите во 2005 година имаше илјада приговори. За нив тоа е шок и ги фрлија машините. Сега ние одиме на класично електронско гласање по интернет. Јас прашувам: кој работел од стручни лица за таа област за да ја скрои правната рамка?“, прашува Новаковски.

Според него, моменталната правна рамка е премногу површна и претставува само „фрлање на топката“ кон ДИК, институција која веќе се соочува со проблеми при пребројувањето на гласовите.

  • „Таа скроена правна рамка вели: ‘по зборовите тие и тие, се додаваат зборовите електронско гласање, точка’. Тоа е целата идеја и се фрла топката на ДИК, истиот тој ДИК кој не може резултати да пресмета навреме“, заклучи поранешниот претседател на Комисијата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Мицкоски се претвори во обвинител и судија- кога нема резултати, се бркаат политички противници

Дејан Дејан

Новаковски во „Топ Тема“: Со Изборниот законик се поигруваме со години, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР стојат од 2008

Дејан Дејан

Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Гринкевич оствари средба со министерот Мисајловски и генерал-мајор Лафчиски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе