Непопустливост, туку дијалог, тоа мора да го има, смета шефот на македонската дипломатија за односите со Бугарија и условувањата на патот кон Европа. Тимчо Муцунски побарал да се сретне со колешката од соседството, па на билатерална средба да разговараат за неевропските услови кои ѝ се наметнуваат на државата. Муцунски досега не добил одговор од бугарското МНР.
Ова следува откако новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова Чамова, во изјава за време на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, го употреби изразот „северномакедонски партнери“.
„Мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна, за онаа несекојдневна и навистина непријатна епизода од пред некој ден. За околу 10-тина дена сме во Шведска на состанок на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО-алијансата и јас побарав, на моја иницијатива, да остварам официјална билатерална средба со мојата колешка од Бугарија, каде што меѓудругото, една од темите коишто ќе ги дискутираме е темата и за овие неевропски услови коишто ѝ се наметнуваат на нашата држава“, вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но придавката „македонски“ не е забранета, вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Тие се водат од Преспанскиот договор, се разбира дека таму името „северномакедонски“ се врзува за државните институции, за ентитетите што се финансираат од државата, меѓутоа си останува кога зборуваме за македонски народ, си останува за македонски идентитет, си останува дури и за граѓанин. Си пишува убаво. Значи не се забранува, ниту пак може да се забрани употребата на придавката „македонски“, впрочем тоа е дел и од самиот договор. Е, сега тие што го поддржале и што го потпишале договорот, први треба да укажуваат на неговото почитување“, изјави Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на РС. Македонија.
Министерот за надворешни работи, Муцунски, денеска кажа дека е разочаран од главните опозициски партии кои не ја осудија употребата на терминот „северномакедонски“ или „северномакедонци“ и вели „тоа говори за нив“. А, лидерот на опозициската СДСМ, Филипче, денеска со потсетување до власта, каква задача има Македонија на патот кон ЕУ.
„Гордана Сиљановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори „Северна Македонија“. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската унија, повторувам на Европската унија, не на Бугарија, како што ВМРО сака да го прикаже, не е предавство. Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската унија“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Претседателката Сиљановска-Давкова, пак, денеска кажа дека никогаш не го променила ставот кон Преспанскиот договор. А, за новата бугарска Влада и премиерот Румен Радев, Сиљановска-Давкова вели дека очекува конструктивност и градење политика на докази, заснована на добра волја. Но, вели „не може да каже како ќе се однесуваат“.
Петар Догов
