Асоцијацијата на спортски обложувалници со жестока реакција на потегот на Владата која го усвои новиот текст за законот за игри на среќа во кој се дефинирани новите, порестриктивни, правила на игра за обложувалниците, автомат клубовите и казината. „Нетранспарентно и шверцерски“ е оценката на Асоцијацијата околу постапката за носење на Законот за игри на среќа
„Ова значи буквално затворање на целата легална индустрија. Повеќе од 10.000 вработени ќе останат без своите работни места, повеќе од 50.000 индиректно вработени ќе останат со загрозени работни места. Давачки кои што ќе бидат енормно високи и економски неоправдани, кои значат буквално банкрот на приредувачите на игри на среќа и ќе го отвори патот за сивата економија, играње по подруми и нелегални приредувачи на игри на среќа. Законот е така направен за државата преку Државна лотарија, да бидат единствени кои ќе можат да приредуваат интернет игри на среќа“, вели Васко Илијевски од Асоцијација на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ)
Од Владата ги отфрлаат обвинувањата дека станува збор за обид за монополизација и ставање под државна капа на обложувањето и игрите на среќа, како и дека отвораат врата за дивите коцкарници и нелегалното обложување и коцкање.
„Институциите веќе преземаат конкретни мерки против нелегалното онлајн коцкање. Притоа, важно е да се напомене дека, согласно Законот, нема да се именуваат, ниту таргетираат поединечни приредувачи на игри на среќа, бидејќи целта е воспоставување системско решение кое ќе важи подеднакво за сите. Новите законски одредби предвидуваат еднакви правила, обврски и контроли за сите субјекти, со акцент на заштита на јавниот интерес, младите и граѓаните“, рекоа од Владата.
Велат дека ни сега како и во минатото не биле консултирани при изработката на законот, ниту пак бил објавен на ЕНЕР за да може во детали да се запознаат со содржината и да ги усогласат ставовите.
„Секогаш сме биле оставени на маргините, еве вака инцидентно да дознаваме дека нешто во позадина се случува што ќе влијае драстично на нашето работење. Спремни сме да ги преземеме сите правни механизми кои ни стојат на располагање и подготвени сме да излеземе на протести ако е потребно за да ги заштитиме луѓето кои работат во овој сектор“, рече Васко Илијевски од АСОМ.
Владата завчера на седница го утврди новиот текст на Предлог- законот и ќе биде испратен во Собранието. Сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа ќе бидат оддалечени половина километар од основните и средните училишта, а се забранува и рекламирање надвор од деловните простории, доколку тоа има за цел да ги поттикне граѓаните да се коцкаат.
Огнен Чанчаревиќ
