Вести Свет

Трамп пристигна во Пекинг – ја започнува дводневната посета на Кина

Американскиот претседател, Доналд Трамп ја започнува дводневната посета на Кина, со висока државна делегација, во чиј состав меѓу политичките претставници се и дел од лидерите на најголемите бизниси во САД на клучните разговори со кинескиот лидер, Си Џинпинг.

Првично, самитот Трамп – Џинпинг требаше да се одржи во март, но беше одложен откако САД и Израел започнаа со нападите на Иран. Токму оваа војна, како и можното кинеско посредување за постигнување мировен договор се само една од темите за кои се очекува двајцата лидери да разговараат.

Трговијата, технологијата, прашањето на Тајван се дел од останатите клучни прашања. Трамп на Truth Social напиша дека ќе побара од Џинпинг да ја отвори Кина за големите американски технолошки компании, чии лидери се дел од неговата бројна делегација.

Трамп прв пат ја посети Кина во 2017-тата година, но многу работи се променија оттогаш. Тој сега се враќа во многу посилна и поодлучна Кина, која спроведе масовни инвестиции во обновливата енергија, роботиката и вештачката интелигенција. САД во Кина веќе гледаат речиси рамноправна сила.

„Мислам дека ова е промена на парадигмата, бидејќи како што рече претседателот Доналд Трамп, сега станува збор за Г2, а не повеќе за Г1. Светот веќе не е Г1 свет, туку Г2 свет. Кина достигна статус на речиси рамноправна сила, како што беше наведено во Националниот безбедносен извештај на САД. Ако е тоа така, тогаш американската администрација и претседателот Трамп, заедно со своите соработници, конечно сфатија дека треба да најдат начин за мирен соживот со Кина. Бидејќи и Кина може да ѝ наштети на САД, како што споменавте, преку ретките метали и многу други работи“, Ван Хуијао, основач на центарот за Кина и глобализација.

Од страна на Пекинг, главен приоритет ќе биде продолжување на трговското примирје, договорено минатиот октомври, кое го запре натамошното зголемување на царините меѓу двете земји. Кога царините беа воведени минатата година, Кина беше единствената земја што не попушти, врз основа на проценката дека огромниот кинески извоз не зависи исклучиво од американскиот пазар.

Кина, впрочем, е најголемиот трговски партнер на 120 држави во светот.

Во однос на Тајван, администрацијата на Трамп испраќа мешани сигнали. Одобрува голем договор за оружје за властите во Тајпеј, но истовремено ја намалува реториката околу подготвеноста да го брани островот од кинеската агресија. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Тајван ќе биде тема на разговор за време на посетата, но целта ќе биде да не стане извор на нови тензии.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Новаковски во „Топ Тема“: Со Изборниот законик се поигруваме со години, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР стојат од 2008

Дејан Дејан

Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Гринкевич оствари средба со министерот Мисајловски и генерал-мајор Лафчиски

Дејан Дејан

Мицкоски: Изборниот законик е заложник на политички калкулации, електронското гласање за дијаспората е нашата „црвена линија“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе