Со поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски и уште две лица бил извршен службен разговор по пријава од Министерството за земјоделство, соопштија од МВР. Од Министерството за земјоделство се сомневале дека Николовски како министер за земјоделие без законска основа поделил 820.000 евра финансиска поддршка за микро земјоделски производители на вино.
Oд страна на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, по добиени насоки од ОЈО, извршен е службен разговор со три лица во врска со пристигната пријава од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до ОЈО за сомнение за кривично дело по член 353 од Кривичниот законик „злоупотреба на службена положба и овластување“ во однос на распишување на јавен повик во 2023 година за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино, каде без никаква законска основа се поделени над 50.000.000 денари (над 820.000 евра), средства од буџетот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во врска со случајот, побарана е дополнителна документација од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Николовски се огласи на фејсбук и напиша дека станува збор за монтиран случај со кој власта сe обидува да ја прикрие сопствената неспособност во време кога незадоволството кај земјоделците е огромно.
„Толку им требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството. Се случува ова во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери.Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус. Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси.На земјоделците, винарите и производителите кои ме контактираа овие денови, Ви благодарам. Вие знаете што направивме. Вие живеете од таа реформа“, стои во статусот на поранешниот министер за земјоделство вели Николовски.
