МЗТ Скопје се пласираше во 14. финале по ред во домашниот кошаркарски шампионат, откако вечерва ја доби „мајсторката“ против Пелистер на домашен паркет. Актуелниот шампион одигра фуриозно второ полувреме и забележа убедлива победа од 29 поени разлика, со што закажа финална пресметка со Маџари за титулата.
Првото полувреме воопшто не најавуваше лесен триумф на МЗТ. По 20 минути игра резултатот беше 37-37, но „аеродромци“ одиграа неверојатна трета четвртина, во која постигнаа дури 29 поени, а примија само пет.
Пелистер не успеа да се врати од огромната негатива, па домашниот тим рутински ја одржуваше предноста, а на крајот дополнително ја зголеми за конечни 87-58.
Марин Петков со 23 поени беше најдобар во таборот на МЗТ. Душан Танасковиќ постигна 20, додека Елајџа Мекејден имаше дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока. Кај Пелистер најефикасен беше Кевин Брајси-Дејвис со 12 поени.
МЗТ во финалната серија, која се игра до три победи, ќе се соочи со најголемото изненадување сезонава – тимот на Маџари, кој како дебитант во елитата го елиминираше ТФТ во полуфиналето со 2-0. Првите два натпревари од финалето ќе се играат во „Јане Сандански“.
