Вести Македонија Топ вести

Анестезиологот, кој снимаше и објавуваше пациентки на тетовска Гинекологија, се враќа на работа со правосилна пресуда – болницата најавува правна битка

Клиничка болница Тетово почнува правна битка со судовите, откако со правосилна пресуда им е наложено да го вратат на работа анестезиологот кој во 2023 година призна вина дека снимал и објавувал пациентки од гинеколошко одделение на социјална мрежа. Докторот, иако признал вина и бил осуден, ја тужел болницата за отказот.

Во тетовската болница не се задоволни од донесената судска одлука и сметаат дека во конкретниот случај судовите не ги ценеле во доволна мера специфичноста на здравствената дејност, заштитата на правата на пациентите и јавниот интерес.

ЈЗУ Клиничка Болница Тетово ќе ги искористи сите законски средства што ѝ стојат на располагање, вклучително и вонредните правни лекови пред надлежните судови.

Анестезиолог призна вина за кривичните дела „Несовесно работење во службата“ и „Неовластено снимање“.

„Во однос на евентуално враќање на работникот на работа, установата ќе постапува исклучиво согласно закон, судските одлуки и важечките прописи, водејќи сметка, пред сѐ, за заштитата на пациентите, професионалните стандарди и нормалното функционирање на здравствената дејност. Дополнително, установата ќе ги разгледа и сите законски основи и околности кои се релевантни за понатамошниот работно-правен статус на лицето“, изјавија од болницата.

Министерот за здравство Азир Алиу денес рече дека не е запознаен со овој случај, па ќе испитува дали, како Министерство ќе преземат мерки.

„Имаме Лекарска комора која дава лиценци за работа. Ако докторот има лиценца за работа и нема некоја отворена процедура и забрана за работа мислам дека треба да се анализира“, рече министерот за здравство Азир Алиу.

Од Лекарската комора за Телма информираат дека лиценцата за работа прво му била одземена на седум години, но постапувајќи по жалба на докторот, второстепениот совет изрекол мерка времено одземање на лиценцата за работа во траење од шест месеци.

„Против оваа одлука, д-р Ваљтон Дервиши повторно поднесе жалба, по која сè уште се постапува и донесена e одлука. Бидејќи со правосилна судска одлука на докторот не му е изречена мерка – забрана за вршење професија, а постапката за повредата на Кодексот на медицинска деонтологија што ја води Лекарската комора не е правосилно завршена, Комората во моментов нема правен основ да ја одземе лиценцата за работа на д-р Дервиши“, изјавија од Лекарската комора.  

Докторот до Лекарската комора, како клучен доказ, поднел нова пресуда од Основниот суд во Тетово со која затворска казна од една година и три месеци, се намалува на казна затвор од три месеци, во што е засметано и времето на притворот и парична казна, а не е изречена посебна мерка, забрана за вршење на дејност.

Александар Самарџиев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Стара куќа, обрасната со трева, или борова шума, ќе видиме што ќе биде приоритет

Sasko Dimovski

Судир на ставови за новата дозвола на „Титан УСЈЕ“ – граѓаните со критики, институциите во одбрана

Sasko Dimovski

Се прават пресеци, се гасне на земја и од воздух, една куќа во Бучиште изгоре, неколку се опожарени – беснеат пожари во Штип и Пробиштип

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе