Неколку дена откако и во Македонија се одбележа Денот на Европа, власта и опозицијата продолжија со обвинувањата за меѓународните релации и блокадата на патот кон полноправно членство.
Полесниот пат кон ЕУ е понижувачки, а Владата го избира потешкиот. Премиерот Мицкоски со овие зборови денеска се осврна на евроинтеграциите. Вели дека земјата ќе го заслужи своето членство во Унијата со работа и со квалитет, а не се погазување на достоинството.
Според Мицкоски, јавноста не треба да има никаква дилема дека тоа е стратешка цел на земјата.
„Ние цениме дека пократок пат нема. Односно, има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме дека ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија. Мора квалитет да покажеме. Тогаш и најголемите ќе признаат и ќе симнат капа и ќе речат: овие го заслужуваат местото, дај да не се глупираме со имиња, презимиња, устави“, кажа премиерот Мицкоски.
Лидерот на опозицијата денеска изнесе обвинувања на адреса на премиерот и министерот за надворешни работи. Филипче вели дека Мицкоски и Муцунски ја кријат вистината – уставните измени се европско, а не билатерално прашање. Реформите мора да продолжат, дециден е Филипче.
„Го слушам денеска Христијан на некој настан дека достоинствено ќе одел во Европа. Како ќе оди во Европа достоинствено? Ништо не прави, не оди човекот никаде. Тука стоиме во место. Сите сме заглавени. Сите сме заглавени со него. Ништо не се случува. А, на него и на групата, периметарот околу него, знам дека им е добро. И затоа сметам дека е лажен повик, повикот на премиерот за некакво национално обединување. За што сака тој човек да се обединиме? За да стоиме во место и за да може да крадат? Нема обединување за тоа, за тоа има одговорност“, кажа Венко Филипче, претседател на СДСМ.
СДСМ останува на повикот државата да донесе резолуција за потврда на македонските црвени линии и во преговорите со Европа повеќе никогаш да не стане збор за идентитетските одредници.
Петар Догов
