Обвинителството бара Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше ослободен за помагање при грабнувањето на неговата ќерка, да биде осуден. Додека останатите осудени Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за грабнувањата и убиствата на 14 годишното девојче и 74 годишниот Панче Жежовски бараат и случајот да се врати на повторно судење. На јавна седница се разгледуваа нивните жалби во Апелација.
Вишиот обвинител Дарко Јакимовски во жалбата наведе дека Ѓорчевски ја дал информацијата дека неговата ќерка ќе оди сама на уччилиште, а тоа го знаеле уште само помалата ќерка и сопругата.
„Александар вечерта им праќа порака на децата да се облечат небаре како да одат на планина. Неговото однесување наредниот ден кога повторувал дека детето е грабнато и убиено, по што се упатува накај Качанички пат, според наводно по некое филмско сценарио по патеката на која што е однесена Вања во гепек и потоа бара да се провери и кола на некој од Велес“, рече обвинителот Дарко Јакимовски.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ посочи дека нема докази за улогата на Александар кога детето ќе излезе од дома, ниту има комуникација со другите обвинети.
„Доколку постоеше еден промил кој укажува на било какво учество на Александар во овој грозоморен чин, убеден сум дека би била донесена поинаква одлука“, рече неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.
Ѓорчевски само додаде дека се наоѓа во позиција на заложник. Адвокатот на Палевски ја повика Апелкација да суди без пристисок на јавноста и дека има суштествени повреди и недоследности во пресудата.
„Има преку педесетина суштествени повреди во постапката што се направени. Ги имаме сите наведени во жалбата така што една да прифати судот трба пресудата да е укината“, изјави Јовица Страшевски, адвокат на Палевски.
Адвокатот на Боре Видевски изјави дека не биле изведени докази кои ја потврдувале невиноста на обвинетиот.
„Ние мораме целосно да ја утврдиме фактичката состојба, односно да ги изведиме тие докази. Без изведување на тие докази нема ништо да направиме и затоа сметам дека овој Судечкји совет има доблест да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати назад“, рече Бојан Манев, адвокат на Видевски
Кривичниот суд на 25 јуни 2025 година ги осуди Палевски, Манев, Видевски и Кешишев на доживотен затвор, а Ѓорчевски беше ослободен поради недостиг на докази.
