Не се знае кога ќе биде отворена скопската жичница. Иако од Град Скопје првично информираа дека жичницата цело лето нема да работи, по денешната изјава на градоначалникот Ѓорѓиевски сè поизвесно е дека нема точен датум кога би била повторно ставена во функција. Ѓорѓиевски не сакаше да шпекулира со информации, само рече дека нема да работи сè додека не се потврди дека е безбедна за користење.
„Жичарницата ќе биде затворена сè додека не биде целосно функционална и не се заврши дефектажата, за граѓаните да можат безбедно да ја користат. Јас немам точна информација“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
За дел од граѓаните ова ќе претставува проблем за искачување на Водно, додека за други затворањето на жичницата не значи ништо.
„Проблем е, требало навреме да се води сметка“, вели граѓанка.
„Немам никакво мислење, бидејќи се качувам пеш до горе“, вели друг граѓанин.
„Штета што нема да работи. Ние што сме со деца, од Средно Водно мора да се качуваме со жичарницата“, додава друга граѓанка.
Оваа одлука е донесена по претходно извршени контроли, при што било утврдено оштетување на гумените елементи, триење кај гондолите, неисправни сензори, како и ризик од откачување на гондола.
Софија Бислимоски
