„РајанЕр“ најави затворање на својата оперативна база во Солун во текот на наредната зима, откако „Фрапорт Грција“, оператор на аеродромот „Македонија“, ги зголеми годишните надоместоци, најави главниот комерцијален директор на нискобуџетната авиокомпанија.
„Фрапорт Грција продолжи да ги зголемува надоместоците кои сега се 66 отсто над нивото пред ковид кризата“, изјави Џејсон МекГинис.
„Фрапорт Грција“ одговори дека тврдењата што ја поврзуваат одлуката на „РајанЕр“ со надоместоците на аеродромите, што ги наметна државата, се целосно неосновани.
„Одлуката за намалување на зимските операции во аеродромот „Македонија“ во Солун се поврзани исклучиво со комерцијалната стратегија на „РајанЕр“, бизнис моделот и разгледување на профитабилноста“, се наведува во реакцијата на „Фрапорт“.
Ирскиот авиопревозник, кој е најголем по бројот на патници во Европа, има 95 оперативни бази низ континентот во кои ги чува авионите и екипажите. Минатиот месец компанијата најави затворање на својата база и во Берлин поради зголемени надоместоци и даноци.
