Асоцијацијата на германски аеродроми (ADV) предупреди на можноста за откажување на летови и веројатен раст на цените на билетите во иднина поради недостиг на керозин, јави агенцијата ДПА.
„Стравуваме дека ќе бидат откажани голем број на летови, особено од нискобуџетните авиокомпании и до дестинации со помало значење за туризмот“, изјави Ралф Бајзел, извршен директор на ADV, за весникот „Велт“.
„Во најдобар случај за 2026 година, бројот на патници ќе остане ист. Во најлош случај, некои аеродроми ќе се соочат со пад на капацитетот од 10 отсто. Тоа би влијаело на 20 милиони патници“, рече Бајзел.
Тој додаде дека тоа би значело дека некои дестинации воопшто нема да бидат опслужувани, а други ќе имаат помалку летови, што ќе биде поскапо.
„Цената на керозинот е двојно повисока од пред повеќе од два месеца. Не очекуваме ситуацијата да се нормализира во наредните месеци. Дури и да има керозин, авиокомпаниите нема да можат да вршат многу профитабилни летови по оваа цена“, рече Бајзел.
