Повеќето осигуреници кои во наредните години ќе се пензионираат преку вториот пензиски столб, би можеле да останат без право на минимална пензија и да бидат префрлени назад во државниот ПИОМ, предупреди гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според него, анализите покажуваат дека дури 70 до 80 проценти од идните пензионери нема да можат да обезбедат минимален износ на пензија преку вториот столб. Славески потсети дека сличен случај имало и во 2019 година, кога околу 16.500 осигуреници биле префрлени во државниот пензиски фонд, затоа што нивните пензии биле прениски. Тој оцени дека воведувањето на вториот пензиски столб создало сериозен притисок врз ПИОМ, бидејќи една третина од пензиските придонеси завршуваат во приватните пензиски фондови.
„Во 2019 година, кога дојде време да се пензионираат оние што доброволно се вклучија во пензиски столб, родени пред 1967 години, ги имаше 16.500 пензионери, како и земјоделци и лица со бенефициран стаж, се виде дека пензиите ќе им биде мали и Владата нечујно, тивко, ги префрли во ПИОМ. Некаде околу 40 милиони евра беа префрлени. Моја процена е дека тоа ќе биде и во иднина“, напиша Трајко Славески, гувернер на Народната банка, на Икс.
Според Славески, моделот бил воведен по барање на Светската банка и имал негативни последици врз пензискиот систем и јавните финансии. Во меѓувреме, приватните пензиски друштва минатата година оствариле повеќемилионски добивки од управувањето со задолжителните и доброволните пензиски фондови.
Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС велат дека пензијата од вториот столб зависи од уплатените придонеси и се исплаќа како дел од вкупната пензија заедно со првиот столб.
„Oчекувањата на поединечните осигуреници треба да се разгледуваат во контекст на нивната вкупна работна кариера и висината на приходите врз основа на кои се уплаќале придонесите. Доколку придонесите се уплаќале на пониска основица или имало прекин во работниот стаж или лицето покасно почнало да работи или лицето работи за странство, природно е акумулираните средства да бидат пониски, што не е последица на самиот модел на втор столб. Висината на пензијата за членовите од вториот столб е збир на пензија од првиот и вториот пензиски столб, а доколку има уплати и во третиот столб, може да има пензија и од доброволното пензиско осигурување“, велат од МАПАС.
Директорот на ПИОМ, Мемов, вели дека работат на мерки за реформи на пензискиот систем, не само во вториот столб, туку и во делот на методологија на пресметка на пензиите. Целта е финансиска стабилизација на Фондот.
Пред неколку дена излезе извештај на Државниот завод за ревизија на финансиското работење на Фондот за пензиско осигурување за перодот 2024 година, во кој се утврдува дека дека Фондот е неликвиден, нема доволно средствата за сам да ја сервисира исплатата на пензиите и не врши навремена уплата на придонесите на осигурениците во вториот пензиски столб.
Државниот завод за ревизија алармираше и дека над 42 милиони евра не се навремено префрлени во задолжителните приватни пензиски друштва, податок загрижувачки за идните пензионери.
Петар Догов
