Потрагата по преживеани по двата катастрофални земјотреси кои ја погодија Венецуела продолжува денеска со забрзано темпо, додека спасувачките екипи се во трка со времето да извадат колку што можат повеќе преживеани од рушевините на стотиците урнати објекти.
Колку што разбирливо еуфорично е славјето кога ќе извлечат живо лице од урнатините, толку вознемирувачка е и тишината кога спасувачките екипи и доброволците ќе извадат безживотно тело.
Соседните земји на Венецуела веднаш испратија свои специјализирани тимови да помогнат во потрагата додека сѐ уште има време за затрупаните луѓе.
Опремени сме со неопходните човечки и материјални ресурси. Во случајов, затоа што се работи за потрага по преживеани под урнатите објекти, тоа е основното. Со нас има медицински тим, логистички персонал и структурни инженери. Со други зборови, тоа е еден комплетен тим кој ни овозможува да го работиме ова на високо професионален начин, порача лидерот на чилеанскиот тим за урбана потрага и спасување, Кристијан Вера.
Досега е потврдена смртта на 235 лица, но властите стравуваат дека вистинскиот број е далеку поголем, затоа што како прво не е познат ниту точниот број на исчезнати. Министерството за здравство соопшти дека повеќе од 4.300 лица побарале медицинска помош. Најтешко погоден е крајбрежниот град Ла Гваира, во чија непосредна близина беа епицентрите на земјотресите, каде се и најголемиот број од 250 урнати или оштетени објекти.
Големата штета која двата земјотреси ја предизвикаа се должи на релативно плитката длабочина на нивните епицентри, првиот од 7,2 степени бил на длабочина од 20,2 километри под површината, додека пак вториот, посилниот од 7,5 степени бил на длабочина од само 10 километри.
Игор Трајков
