Собранието денеска ги изгласа Законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, и покај забелешките на синдикатите и на вработените дека со ова не се овозможува нивна финансиска и правна независност од централната власт. Власта го тврди спротивното.
Опозициските партии во амандманската расправа поднесоа стотици амандмани на двата закони, но беа прифатени само мал, и како што велат несуштински дел.
„Суштината на амандманите се однесуваше на тоа да не бидат судските службеници административни службеници, нешто што изрично во мерките од реформската агенда се бара, мерката 1.1.3 јасно кажува дека се предвидува изземање на судските и јавнообвинителстките службеници од статусот на административни службеници. Тоа за жал не се обезбеди со ова законско решение“, вели Соња Мираковскаод НСДП.
„Наместо зајакнување на самостојноста на јавнообвинителската служба, во повеќе одредби од самиот предлог-закон се задржуваат механизмите преку коишто органите на извршната власт имаат и продолжуваат да имаат влијание поврзано со вработување, унапредување, мобилност, организација на работа, управувањето со човечки ресурси и донесувањето на подзаконските акти“, вели Јована Тренчевска од СДСМ.
Владејачкото мнозинство, пак, тврди дека законот ги усвоил клучните барања на вработените.
Изјава: Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
„Двете клучни работи ги усвоивме. Ниту еден службеник нема да има помала плата и секој еден јавнообвинителски, односно судски службеник останува со истиот статус којшто го имал. Тие две работи, точно е, ги исправивме“, вели Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за правда соопшти дека со законот за судска служба се зајакнува институционалната независност на судската власт.
„Најзначајната новина е издвојувањето на судските стручни службеници на начин што добиваат статус на посебни административни службеници, односно како посебна категорија вработени во судската власт со сопствен законски режим“, соопшти Министерството за правда.
Според синдикатите, законите не овозможуваат независност на судската и јавнообвинителската администрација.
„Мислам дека се избрзани закони, како што беше избрзан и Законот за административни службеници, којшто од кога го донесоа го одложија и важи само еден член, мислам дека се избрзаа законите само за да ги добијат средствата предвидени за реформската агенда од ЕУ, а дали ќе ги добие тие средства оваа влада, и тоа е знак на прашање. Дали ќе се гарантира независноста на судството и обвинителството, мислам дека нема да се гарантира. Ќе има многу мешање од страна на Министерството за правда коешто не треба да се меша во независноста. Нема да имаме повторно независни буџети на едната и на другата институција, нема да имаме плати како што треба за вработените, нема да има мотивација“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски.
Поддршка на барањата на јавнообвинителските службеници даде и републичкиот јавен обвинител, но нивните барања не беа прифатени.
Срѓан Стојанчев
