Претставници од Коалицијата „ Менуваме“, која што ги застапува правата на лицата со попреченост, денеска беа на средба со претседателот на Комисијата за заштита и спречување дискриминација, Душан Томшиќ. Средбата се одржа откако Комисијата започна постапка за утврдување дискриминација на лицата со попреченост, поради скратените часови за лични асистенти.
Според координаторот на Коалицијата „ Менуваме“, на средбата со претседателот на Комисијата за антидискриминација било констатирано дека врз оваа категорија граѓани се врши дискриминација и затоа тие подготвуваат кривична пријава за министерот за социјална политика, Лимани. Од Коалицијата го виделе дописот што од Министерството за социјална политика бил испратен до Комисијата за антидискриминација и не се согласуваат со наведеното во него.
„Тие наведуваат дека наводно 20 часа се потребни за надвор, 10 за внатре и т.н. Што мислам дека тоа е нонсенс. Не можете вие на лицето со попреченост да му кажете кога да јаде, кога да шета, кога да пие. Бидејќи сепак тој тоа право го користи заради тоа што има проблем со непристапна средина, има проблем да ги користи своите останати права, како што се за на лекар или еден вид социјално дружење, кое веќе згаснува“, вели Суарет Алишан- координатор на Коалиција „ Менуваме“.
