Вести Македонија Топ вести

Земјоделие го чека Предлог-законот за благосостојба на животните да стигне со архивски број

Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство не го добило Предлог-законот за заштита и благосостојба на животните со допис и заверен со архивски број и затоа официјално, како што велат за Телма, го немаат добиено документот. Ова е одговорот од министерството за тоа каде се „загуби“ Предлог-законот на релација АХВ – Земјоделие, откако Телма во петокот објави дека е изготвен Предлог-закон за благосостојба на животните со кој се предвидуваат ригорозни казни за физички лица за несоодветно чување домашни миленици, но и за злоупотреба, мачење и нанесување болка на животните кои би се движеле и до 5.000 евра.

Од министерството тогаш тврдеа дека го немааат, а од АХВ, кои го изготвиле законот, пак, дека им го испратиле. Сега, како што дознаваме, се очекува АХВ документот да го испрати со допис и архивски број.

Инаку Предлог-законот чија крајна цел е намалување на бројот на напуштени и бездомни кучиња предвидува задолжително микрочипирање и регистрација на секој миленик и задолжителна стерилизација за кучиња.

„Забрането е држење на кучиња и мачки кои не се идентификувани и регистрирани во електронската база на податоци на Агенцијата. Идентификација и регистрација на кучиња и мачки се врши најдоцна на возраст од 90 дена, односно при прва вакцинација“, се наведува во Предлог-законот.

Со овој Предлог-закон за првпат животните се препознаваат како чувствителни суштества и дека мора да се земат предвид нивните физиолошки и психолошки потреби, но и нивното однесување.

„Сопственикот и/или одгледувачот на животното е должен да се однесува спрема животното со внимание на добар домаќин и да му обезбеди животни услови кои одговараат на неговиот вид, раса, пол, возраст, како и на физичките, биолошките и производствените специфики, особини во однесувањето, односно здравствената состојба на животното“, предвидува Предлог-законот.

Кој ќе напушти домашен миленик ќе добие забрана за идно чување миленици

Предлог-законот забранува и продажба и давање на подарок домашни миленици на малолетници, движење на домашен миленик на јавна површина без присуство на сопственикот, трајно чување на домашно милениче на адреса различна од живеалиштето или местото на живеење на сопственикот, но и присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе