Млекопроизводителите од Пелагонија алармираат за сериозен пад на откупната цена на суровото млеко, која некои млекарници ја намалија за два денари по литар, а во споредба со лани и до осум денари. Тие велат дека цената сега се движи меѓу 24 и 29 денари за литар, што за нив значи значителни загуби и доведува многу фарми на раб на опстанок. Дополнителен проблем е што субвенциите за 2025 година се уште не им се исплатени во целост, а премиите за млеко доцнат. Во исто време, трошоците за производство, гориво, сточна храна и репроматеријали, постојано растат.
„Вчера млекарниците ја намалија откупната цена на млекото, а за два денари се зголеми цената на литар нафта. Со овие цени ние не можеме да опстанеме во сточарството. Потребна е под итно помош од државата и исплата на заостанатите субвенции“,вели Тони Петковски, претседател на здружението „Пелагониско поле“.
Сточарите реагираат дека и покрај намалената откупна цена, малопродажните цени на млекото во маркетите не се намалуваат.
„Од 33-34 денари пред две години, сега откупната цена на млекото е 24-25 денари, значи имаме разлика од 8-9 денари. Наместо да одиме напред, цената да биде 40 денари, ние стагнираме. Ќе прифатиме и 20 денари за литар млеко, но министерот да најде начин да нè субвенционира. И друго, зошто се дозволува млекото чија откупна цена е намалена за 2 денари, во маркетите да се продава поскапо за 15 денари“, вели Борче Бучински, млекопроизводител.
Млекопроизводителите велат дека веќе не му веруваат на министерот за земјоделство и бараат итна средба со премиерот, како и мерки за заштита на домашното производство, предупредувајќи дека секторот се наоѓа пред колапс.
Емилија Мисирлиевски
