Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје против четири деца во судир со законот, за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело „Насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти Обвинителството, станува збор за три 14-годишни и една 17-годишна малолетничка, кои во два одвоени настани учествувале во насилни дејствија врз 13-годишно девојче од Ѓорче Петров.
„Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Постапката против нив се води согласно Законот за правда за децата.
Во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје вчера биле доставени и шест кривични пријави по член 201 од Кривичниот законик – „Запуштање и малтретирање дете“, против родители за кои се сомнева дека ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување. Според Обвинителството, како резултат на тоа, нивните малолетни деца учествувале во физички напад врз 13-годишната малолетничка.
„Пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка“, стои во соопштението.
