Масовни објави на социјалните мрежи во кои граѓани алармираат дека добиваат лажни СМС пораки за наводни сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот „Безбеден град“. Во пораките има линк за плаќање казни, преку кој се бара внесување лични податоци. Од министерството за внатрешни работи (МВР) предупредуваат дека станува збор за измама.
Министерот Панче Тошковски вели дека ваквите пораки најчесто пристигнуваат од странски броеви или сомнителни електронски адреси. Објасни дека МВР ги истражува овие измами. Апелира граѓаните да бидат внимателни, да го проверат испраќачот и содржината на пораката. Тошковски нагласува дека системот дава резултати и дека бројот на жртви во сообраќајот е намален.
„Дали имаме предизвици при имплементирање на овој проект? – Да, имаме. Но, сепак, останува фактот дека проектот е добар. Затоа што има некоја мала улога во делот на спасување на човечките животи, а тоа го говорат и бројките“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
До крајот на годината камерите ќе бидат поставени и ќе го контролираат сообраќајот низ целата држава.
Инаку бројот на приговори се намалува. Во април до Кривичниот суд биле поднесени 38 барања, а поголемиот дел од нив се од физички лица.
Тамара Марковска
