Вести Македонија Топ вести

Завршија интервјуата на кандидатите за нов член на ДКСК

Петмина кандидати и бројни прашања за нив. Денеска помина комисиското сослушување во Собранието, на претендентите за испразнетото столче во ДКСК. Поранешната членка Цвета Ристовска си даде оставка откако се утврди дека иако нејзините синови имаат фирми, не пријавила дека едната од фирмите учествувала во изборната кампања на претседателката Сиљановска-Давкова.

А, од укажувач денеска стигна писмо до јавноста, во кое се тврди дека кандидатката Зајковска е директно одговорна затоа што е тргнат документот од кој се гледа сумата која била исплатена на фирмата. На прашање од Левица околу тоа како таа гледа на случајот – Зајковска одговори дека може да зборува само за сопствениот кредибилитет.

Имаше прашање и до кандидатот Клековски, кој е брат на директорот на Фондот за здравствено осигурување околу тоа како ќе се справи ако е потребна ревизија на работењето во Фондот.

„Тука можам да одговорам само за својот личен интегритет дека досега сум ги извршувала своите задачи целосно професионално и во согласност со законските решенија“, кажа Катерина Зајковска, кандидатка за член на ДКСК. 

„Би се справил на начин на којшто е предвидено во законските прописи и на начин на којшто се справуваат сите други избрани и именувани лица коишто ќе дојдат во таква ситуација, преку институтот на изземање“, рече Владимир Клековски, кандидат за член на ДКСК. 

Слични прашања имаше и за ревизорката во Агенцијата за европски образовни програми, Марија Катралова Китанов. Во таа агенција имаше големи скандали во минатото, а прашањето до кандидатката беше дали истите ги забележала – одговори дека не, ама и ревизорите имаат можност само да утврдат неправилности, а понатаму одговорноста е кај менаџментот.

Слично прашање имаше и за Тања Левајковиќ, која е поранешен помошник-министер во МВР.

„Мора да бидеме независни и објективни и ние сме, но работиме по план којшто претходно е одобрен од директорот и за секоја поединечна ревизија најпрво добиваме одобрение“, кажа Марија Катралова Китанов, кандидатка за член на ДКСК. 

„Не можам да кажам дека сум се судрила со злоупотреби бидејќи сите тие предмети што беа предмет на СЈО и другите, беа во периодот пред да се формира одделение за финансиски прашања каде што јас станав помошник“, рече Тања Левајковиќ, кандидатка за член на ДКСК. 

„Мојата работа кај Народниот правобранител опфаќа дел заштита и дел превенција. Во делот на заштита работиме предмети околу заштита на правата и тука сме поделени по повеќе области“, рече Милка Муратовска, кандидат за член на ДКСК. 

Сега на потег е Комисијата која треба да предложи најсоодветен кандидат за член на Антикорупциска, по што Собранието треба да го изгласа. Претходниот обид за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата пропадна откако беа изразени сомнежи дека двајца од кандидатите имале некаква поврзаност со изборни кампањи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе