„Секој рудник е голем загадувач, а кај рудниците за метали ситуацијата е страшна. Опасниот отпад останува трајно на локалното население, дури и откако рудникот ќе престане со работа“, предупредува Горан Станишљевиќ од граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ во емисијата на Телма „Директно“.
Тој изрази сериозна загриженост и остар протест против најавените законски измени кои се носат
по скратена постапка, а кои имаат за цел да го олеснат и забрзаат процесот на отворање нови рудници во земјата.
Според Станишљевиќ, обидот преку ноќ да се донесат измени во законот за минерални суровини сугерира дека некому му се брза „преку ред“ да ги реализира своите бизнис интереси, занемарувајќи ги долгорочните последици за животната средина.
„Она што сакаат да го постигнат е кратење на времето. Велат дека тоа е за поефикасно управување, но кога некому ќе му дозволите да копа и да уништува, тоа е ‘ефикасно’ само за профитот, а не за народот“, вели тој.
Станишљевиќ прави јасна дистинкција меѓу различните видови ископувања. Додека рудниците за неметали (мермер, песок, фелдспат) имаат локализирани проблеми како прашина, рудниците за метали ги карактеризира како деструктивни по природата и здравјето.
„Покрај девастацијата на природата и уништувањето на земјиштето, овие рудници произведуваат огромни количини на опасен отпад. Тој отпад останува трајно кај локалното население. Кога рудникот ќе заврши со работа, сопствениците ќе си заминат, а јаловиштето, кое мора постојано да се одржува, останува на товар на локалната власт и граѓаните“, објаснува тој.
И силно ја оспорува тезата дека рудниците се единствениот економски спас за Македонија.
Станишљевиќ прашува зошто ни е потребна „таа пропаст“ ако македонската економија веќе бележи раст и без нови рудници.
Како алтернатива и логичен пат за развој, тој го посочува земјоделството – сектор во кој Македонија има традиција, но во моментов парадоксално увезува храна.
„Македонија е позната по земјоделските производи, а ние увезуваме храна. Тука е полето каде што владата треба да се активира – да направиме нешто за да извезуваме храна, наместо да ги форсираме рудниците. Има толку многу други гранки во економијата што можеме да ги поттикнеме“, заклучува Станишљевиќ.
