Вести Македонија Топ вести

Ѓорѓи Георгиовски: Автопатот е добредојден, но не по цена на нашите домови и водата во Ореовец

Жителите на прилепското село Ореовец и околината на Плетвар не се против изградбата на автопатишта, но решително се спротивставуваат на она што го нарекуваат „нелегално и деструктивно“ ископување материјал во непосредна близина на нивните домови. Ѓорѓи Георгиовски од граѓанското здружение „Спас за Прилеп“, како претставник на локалното население, во емисијата „Директно“ на Телма, обелодени низа загрижувачки факти за влијанието на активностите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ врз животната средина и приватниот имот.

Георгиовски нагласи дека блокадите кои траат веќе две години (од 26 мај 2022 година) не се насочени против самиот проект за автопатот Прилеп – Битола, туку против локацијата и начинот на кој се обезбедува материјал за градба.

Според Георгиовски, под параванот дека на изведувачот му е потребен „тампон“ (материјал за подлога на патот), прави влез кон планината на само 420 метри од селото.

  • „Таму тампон нема. Таму има метар или два камен, останатото долу е чист мермер. Нивната концесија граничи со рудник за мермер,“ истакна Георгиовски, посочувајќи дека се работи за бизнис интереси кои се косат со потребите на локалното население.

Најголемиот страв кај жителите доаѓа од употребата на огромни количини експлозив.

Додека другите рудници во околината не користат динамит, Георгиовски тврди дека на оваа локација, во непосредна близина на селото, се користат по 4 до 5 тони динамит во едно полнење.

Последиците се веќе видливин според него бидејќи испукани се сите куќи во селото Ореовец, а и селската црква претрпела сериозни оштетувања, со пукнатини широки и до пет сантиметри.

Покрај материјалните штети, жителите се соочуваат и со егзистенцијална закана – губење на водата за пиење.

Георгиовски презентираше вештачења од лиценцирани хидрогеолози кои потврдуваат дека еден извор е веќе пресушен, а пет други се под директна закана.

  • „Прилеп е град кој со вода се снабдува од Западна Македонија преку цевковод долг над 80 километри. Затоа, заштитата на секој локален извор е од витално значење,“ предупреди тој.

Жителите на Ореовец остануваат на своите позиции, барајќи од институциите и јавното претпријатие за државни патишта да го почитуваат законот и да не дозволат изградбата на инфраструктурата да се одвива преку уништување на имотот и природните ресурси на локалното население.

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе