Арсенал се пласираше во финалето на Лигата на шампиони по минималната победа од 1-0 против Атлетико Мадрид во реваншот од полуфиналето. На првата средба беше 1-1, па минималниот триумф беше доволен „топчиите“ да стигнат до своето второ финале во елитното натпреварување, прво по 2006 година, кога загубија од Барселона.
Стрелец на единствениот гол вечерва на стадионот „Емирати“ во Лондон беше капитенот Букајо Сака во 44. минута, кога од близина погоди по ударот на Леандро Тросар и одбраната на голманот на Атлетико, Јан Облак.
Како што и се очекуваше, натпреварот беше тврд, со многу дуели и малку шанси за гол, но Арсенал успеа да биде за нијанса подобар и со еден погодок да го завери пласманот во финалето.
Премиерлигашот сега ќе го чека својот противник во финалето, кое е закажано за 30 мај на „Пушкаш арена“ во Будимпешта. Утре на програмата е реваншот меѓу Баерн Минхен и ПСЖ, а по првиот натпревар францускиот тим има предност од 5-4.
