Uncategorized Вести Македонија

Советот ја констатираше оставката на Ристоска

Советот на јавни обвинители ја констатираше оставката на обвинителката Ленче Ристоска. Никој не искоментира ниту на седница, ниту во изјава за медиумите. А токму одлуката на советот дека премиерот со изјавите за медиокритет не ја нарушил нејзината, Ристоска го посочи како една од причините кои ја прелеаја чашата.

„Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката. Во согласност со законот, има право во секое време, секој обвинител да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме“, порача Башким Бесими, претседател на Советот на јавни обвинители. 

За оставката Ристоска ја наведе и одлуката на државниот обвинител Савески кој ги повлече овластувања поради што таа остана без клучните предмети „Талир 1“ и „Талир 2“, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителот Савески денеска не сакаше да коментира за оставката, вели веќе се произнесол. Предметите се веќе распоредени, кажа Савески, но не и кај кои обвинители.

„Кажав и на тоа останувам дека никогаш предметите нема да ги врзувам. Погрешно е мислам да се врзуваат предметите со конкретни персонални решенија, односно конкретни обвинители. За мене е секој предмет ист. Без оглед кој обвинител постапува“, нагласи Ненад Савески, државен јавен обвинител.

Во оставката до Советот на јавни обивнители во која Телма имаше увид, Ристоска им пишува во стилот во кој тие минатиот понедленик одлучија, дека премиерот Мицкоски во изјавата за медиокритет со политичко клиентелистичка матрица не идентификувал конкретен обвинител и отсуствувала индивидуализација.

„Со оглед дека моето барање е конкретизирано и индивидуализирано и истото не претставува вредносен суд или критика за вашето немање на капацитет да се одважите и препознаете софистицирани форми на политички влијанија и притисоци, очекувам истото да не биде отфрлено“, напиша Ристоска во оставката до Советот на јавни обвинители. 

Минатата недела Савески во пишана изјава рече дека одлуката за отповикување на сите овластувања не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска, туку од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство. Но и за неговата и за одлуката на Советот, Ристоска оцени дека сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои се поврзани со висока корупција и криминал.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе