(ФОТО: Фејсбук архива на Курто Дудуш) Џип ровер е запален во Шутка ноќеска, потврди полицијата. Џипот е во сопственост на сопругата на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, објавија повеќе медиуми. МВР соопшти дека маскирано лице го запалило возилото.
-На 17.03.2026 во 03:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари било опожарено патничко возило „ренџ ровер“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ф.О.(37) од Скопје. Според пријавеното, сопствениците на безбедносните камери забележале едно маскирано лице кое истурило течност на возилото, по што веднаш се запалило возилото. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од полицијата.
Иако, возилото се поврзува со Дудуш, во неговиот анкетен лист доставен до ДКСК, нема пријавено ровер како сопственост ниту негово ниту на лица од семејството. Дудуш, според анкетниот лист нема ниту едно возило. Сепак, Дудуш има фотографија со бел џип ровер на плажа во Грција, а таа е направена на 18-ти август лани. Во имотниот лист доставен до ДКСК, Дудуш има наведено само два недвижни имоти, плата и долг на кредитна картичка.
Дудуш е градоначалник на Шуто Оризари, трет мандат во низа и победи и на ланските избори. Во 2017-та победи како кандидат на коалицијата на СДСМ, во 2021-ва како кандидат на коалицијата на ЛДП, а лани беше кандидат на партијата Унија на Ромите. Беше и пратеник во Собранието на Македонија.
Засега полицијата не открива можни мотиви за нападот кој се поврзува со градоначалникот на скопската општина Шуто Оризаре.
Миомир Серафиновиќ
