Сабота 12:05 часот, локацијата иста – ССМ, па Собрание, Стопанската комора и на крајот Владата, а целта е повисоки плати. Синдикатот одново на протест за борба да се зголеми минимална плата на 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6.000 денари. Според нив, работниците во Македонија работат сè повеќе, а заработуваат сè помалку. Велат, податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) покажуваат дека околу 160.000 работници примаат плата под прагот на сиромаштијата.
„Речиси 160.000 работници кои директно се засегнати од зголемувањето на минималната плата, доколку излезат утре на улица, минималната плата ветувам дека наредниот ден ќе биде многу повеќе од 600 евра, затоа што оваа Влада не се плаши ниту од Слободан Трендафилов, ниту од ССМ, ниту од медиумите, ниту од работниците. Се плаши од луѓето кои ќе излезат на улица и кои ќе покажат дека се незадоволни од ваквите лоши владини политики и од политиките на газдите“, порача Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Последните пресметки на ССМ се дека минимална синдикална кошничка е зголемена за речиси 1.000 денари, но дополнителен ценовен шок предизвика и војната на Блискиот исток. Па, ССМ со вонредно пресметување за цените.
„Во текот на денот ќе ги знам точните информации. Колешките кои ја пресметуваат веќе се на терен, прават анализа на вредноста на цените и веројатно ќе биде зголемување на истата што ќе биде трагично за работниците“, додаде Трендафилов.
Сојузот на синдикатите организираше блокада пред Владата, ги блокираа и влезовите на Собранието, а остануваат и на најавата за 24-часовен генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор, со цел зголемување на работничките плати. Според законското решение, минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари и ќе изнесува околу 26.000 денари што ќе биде најнизок минималец од сите држави во регионот, освен Косово.
Поради утрешниот протест на ССМ, ќе има привремени ограничувања и пренасочувања на сообраќајот по главните улици во центарот. Од МВР апелираат граѓаните да ги следат упатствата на полициските службеници и да бидат внимателни при движење низ централното градско подрачје.
Симона Петровска
