Собранискиот деловник не е оптимално правно регулиран и создава конфузија и пречки за ефективен надзор над извршната власт, покажува истражувањето на професорот Денис Прешова. Детектирани се слабости во однос на пратеничките прашања, интерпелацијата, нелогичното разликување помеѓу јавни расправи и јавни дискусии, додека надзорните расправи се регулирани посебно. Тука се и анкетните комисии за кои е оставен простор сами да си утврдуваат правила и начин на работа. Забележана е и конфузија во гласањето доверба или недоверба на владата,како и слаба подготовка на законите и неефикасна пост – контрола. Извршната власт се поставува над законодавната, но тоа не е карактеристика само на македонскиот Парламент.
„Извршната власт доминира во законодавната агенда. Се повеќе забележуваме дека парламентите се сведуваат на влијание врз законодавството и процесот на донесување на закони отколку на вистинско креирање или на изворно законодавство. Тоа е само уште еден пример за она што во теоријата го детектираме како на заслабнување на улогата на парламентите генерално, вели Денис Прешова, вонреден професор на Правен факултет „Јустинијан Први“.
Претседателот на Собранието се согласува дека има дилеми околу примената на новиот Деловник.
„Ние дојдовме до политички консензус околу новиот деловник, но заборавивме на два елементи кои сега се јавуваат како недостатоци во секојдневната работа, а тоа е: заборавивме да ги вклучиме нашите експерти во собранието и академската јавност“, рече Африм Гаши, претседател на Собрание.
Опозициските пратеници признаваат дека генерално Собранието секогаш било подредено на извршната власт и партиските интереси. Сметаат дека засилувањето на нивната позиција зависи од нив самите и од собранискиот претседател, но и дека засега нема политичка волја за тоа.
„Не постои доволно политичка волја з ада се седне и да се стави јасна и прецизна норма. Низ сите тие разговори, Жан Моне и слично, партиите не тргнуваат од претпоставката да добијат нешто, туку да не изгубат нешто“, рече Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ .
Спасовски е убеден дека ако и после ова истражување се отвори дебата за измени во деловникот, партиите пак ќе калкулираат со своите интереси.Тоа, вели, е генерален законодавен пристап во државата, во која се носат закони за да можат да се кршат. Дебатата за парламентарниот надзор и контролата низ призма на надзорниот капацитет на Собранието беше организирана во соработка со парламентарната програма за поддршка и НДИ.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: T.Д.
