Нова година, стари проблеми. И по еден месец, без поместување од мртва точка – граѓаните повторно излегуваат на протест против аерозагадувањето. Утре во 18 часот, пред цементарницата „Усје“, се очекува да се соберат граѓани и активисти кои повторно го вперуваат прстот кон оваа компанија како еден од изворите на загадениот воздух во главниот град.
„Важно е да се знае дека мерењата на амбиеталниот воздух со кои институциите располагаат се на Усје и ги добиваат од самата фабрика на месечно ниво, па наместо тоа да го прави државата. Профитот на Титан е најголем тука, односно во Македонија и изнесува 30% иако на целата групација профитот е 11,9 %. Очигледно 30% профит е поважен од нашето здравје. А тука има два фактори слабата институционална контрола и фактот дека законите не се усогласени со регулативата на ЕУ особено во делот на одговорност за еколошка штета и борба против еколошки криминал“, вели Александар Тодески од „Стоп за Усје“.
Барањата и пораките исти, целта и овојпат, почист воздух.
„Мерната станица кај Усје поставена од општина Кисела Вода во 2023 година да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време и истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот. Да се постават мерни станици во поширокиот простор овде околу Усје со цел јавноста транспарентно да го следи нивото на загадувањето. Усје да инсталира автоматски ЦЕМС-систем кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во оџаците на Усје покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување да се изрекува казна по принципот на сејф сити како и времена забрана за работа“, вели Александар Тодески од „Стоп за Усје“.
Од компанијата ги демантираат наводите дека се загадувач и обвинувањата ги оценуваат како тенденциозни и неконструктивни. Велат дека како компанија со А-интегрирана еколошка дозвола се под постојан мониторинг и дека резултатите од мерењата се јавно достапни. Според нив, граничните вредности утврдени во дозволата на „ТИТАН Усје“ се построги од законските, а компанијата не ги надминува дозволените нивоа на емисии.
„Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје. Сите независни студии укажуваат дека, индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено“, велат од цементарница Усје.
Пред еден емсец Зелен хуман град побара преместување на компанијата, советниците во Град Скопје дебатираа, а заклучоците беа испратени до Владата, бидејќи градот нема надлежност. Премиерот првично испрати позтивни сигнали за можноста за дислокација, но подоцна го смени ставот, порачувајќи дека државата не може насилно да дислоцира фабрики. Со споредбата дека не може никому да му се влезе дома и да му се каже да ја пресели куќата, премиерот ги намали очекувањата дека цементарницата Усје наскоро ќе замине од градското јадро.
Симона Петровска
