Учениците се вратија во училишните клупи, а со тоа се зголеми и опасноста од ширење на грипот. Со почетокот на второто полугодие, бројот на заболени деца е во пораст. На Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле дневно се прегледуваат над 100 деца, од кои околу 70 се задржани на болничко лекување, а 10 од нив се на кислородна поддршка.
Сепак здравствените власти донесоа одлука учениците да се вратат во училишните клупи навремено. Таа одлука ја поддржи и министерката за образование Весна Јаневска, која смета дека училиштето не е единственото место каде што се пренесува грипот.
„Нашите ученици до 15 годишна возраст имаат 900 часови помалку. Сите истражувања и во светот и кај нас покажуваат дека колку се поредовни учениците толку поголеми успеси постигнуваат. Од друга страна грипот се добива и на други места надвор од училиштата“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Од Детската клиника Козле, пак, очекуваат зголемен број прегледи, сега откако учениците се вратија на настава. Директорката Бошковска апелира учениците со симптоми на грип да не посетуваат училиште, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
„Да не одат на настава оние кои кашлаат и киваат и без да имаат покачена температура. Затоа што и неколку дена пред развој на симптомите децата се заразни. Инкубацијата е кратка. Доколку едно дете било во контакт со други деца се очекува во наредните неколку денови и тоа да заболи од грип. Препорачувам и во училиштата да има подобра хигиена бидејќи вирусот се задржува на површините“, кажа д-р Катерина Бошковска, Детска клиника Козле.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во втората недела од јануари регистрирани се над две илјади случаи на грип. Минатата недела починаа двајца пациенти – 75-годишна жена и 69-годишен маж, двајцата невакцинирани и со повеќе хронични заболувања.
Тамара Марковска
