Германскиот Бундестаг одобро повторно воведување на делумен воен рок, со цел да се зголеми составот на своите вооружени сили како одговор на новите безбедносни предизвици. Доброволниот воен рок би траел шест месеци за што е предвидена месечна плата од 2.600 евра.
„Слободите во една демократија не се бранат сами од себе. Тоа мора да го преземат луѓе кои се подготвени да застанат зад тие слободи, а не оние кои седат зад ограда и чекаат некој друг да го стори тоа за нив“, рече германскиот министер за одбрана, Борис Писториус во расправата што претходеше на гласањето.
Според новиот закон, воената обврска се темели на доброволна основа. Во случај во поедини возрасни категории не се јават доволен број на регрути, Бундестагот би можел да воведе краткорочен т.н. воен рок по потреба. Германија во договорот со НАТО се обврза на 260.000 активни војници во состав на армијата, моментно во Бундесверот служат 185.000 војници.
За време на расправата во Бундестагот, ширум Германија се одржани протести против повторното воведување на воен рок. Во нив учествуваа главно средношколци под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
