Поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, е една од трите лица уапсени од страна на белгиската полиција, во рамките на обемна истрага за измама во финансирање на академијата во Бриж за млади дипломати, изјавија две лица запознаени со истрагата за „Еурактив“ и нејзиниот партнер „ Де Стандард“.
Белгиската полиција изврши рации во дипломатската служба на ЕУ, Колеџот на Европа и во приватни домови како дел од истрагата за наводна злоупотреба на средствата на ЕУ, според луѓе запознаени со истрагата и сведоци пренесува „Еуроактив“.
Портпаролот на Колеџот, каде што Могерини е ректор од 2020 година, рече дека не знае дали таа е уапсена и одби да даде понатамошен коментар. Могерини ја водеше Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС) од 2014 до 2019 година и е директорка на Академијата од 2022 година.
Друг вработен во Колеџот на Европа, вклучен во одделот за извршно образование, исто така е приведен, рече лицето.
Приведен е ѝ високиот функционер на Европската комисија, Стефано Санино. Тој претходно беше генерален секретар на ЕЕАС за време на Могерини, во периодот кога беше создадена Дипломатската академија. Тој моментално е генерален директор на одделот на Комисијата за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
Комисијата потврди дека полицијата била присутна денес во зградите на ЕЕАС, и дека ова е дел од тековната истрага за активностите спроведени за време на претходниот мандат. Одби да даде дополнителни информации, бидејќи истрагата е во тек.
„Пред половина час бев информиран за тоа што се случува во Бриж“, рече Херман ван Ромпуј, поранешен претседател на Европскиот совет, кој сега е претседател на административниот совет на Колеџот на Европа во Бриж.
T.Д.
