Додека очите на јавноста се вперени во судскиот процес за трагедијата во Кочани, политичките партии се длабоко во јавната дискусија околу демократските алатки за расчистување на целиот случај. Надзорна расправа и формирање на посебна Анкетна комисија во Собранието, ова го иницира опозицијата, а идејата е прифатлива за сите партии.
Но, форматот и суштината сѐ уште не се дефинирани. СДСМ вчера поднесе Предлог до законодавниот дом, а ВМРО-ДПМНЕ порача – прифаќаме, но ако се прошири комисијата за сите трагедии од изминатите години. Лидерот на СДСМ, Филипче, денеска остро му возврати на премиерот Мицкоски кој го обвини него и неговата партија за водење „некрофилска политика“.
Таа реторика на навреди сметам дека покажува само една работа, а тоа е фрустрација од неуспешните обиди да вистината или некои блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ се заштитат од истрагата или еден дел од истрагата да се изманипулира и некои работи да се сокријат „под маса“. Сметам дека тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината во овој страшен случај и страшна трагедија, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за „Топ тема“ на Телма го зацврсти ставот на мнозинството – поддржуваат Анкетна комисија за Кочани, но да се зборува и за сите останати големи трагедии што се случија во годините наназад.
За сѐ да зборуваме, затоа што сите виновници, апсолутно сите, да се изведат пред лицето на правдата. Еве велите „дали ќе прифатите надзорна расправа, анкетна комисија“, сѐ ќе прифатиме! Сѐ што може ќе прифатиме, само еднаш засекогаш да излезе вистината на виделина, за да не им дозволиме на оние јас што го викам „талог во политиката“, на некрофилски начин да печалат политички поени. Сѐ ќе направиме како Влада, порача премиреот Христијан Мицкоски.
„Тест за зрелоста на нашето општество“ – лидерот на СДСМ, Филипче, вака го оцени почетокот на судењето за пожарот во „Пулс“. Порача дека партијата будно ќе го следи процесот и очекува тој да биде отворен и транспарентен. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека одговорност на судот е да има правда за случајот „Пулс“, истиот да не биде компромитиран и да ги повика на одговорност сите кои се огрешиле во било каква смисла, без разлика на политичката или етничката припадност, и без да се води сметка на политичките пораки и притисоци.
Петар Догов
