Денеска е првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој однесе 63 човечки животи, а околу 200 луѓе беа повредени. Дел од родителите на загинатите со изјави за очекувањата од најобемниот судски процес во нашата држава.
„Ме чуди со која свест и кое лице, адвокатите на обвинетите ќе се ситат и ќе земаат крвави пари и со која гордост ги даваат изјавите дека ова судско, како да речам, рочиште ќе трае 15-20 години. За нас, 15 дена или 15 месеци се многу. Веќе поминаа осум месеци, а тие од која основа и која појдовна точка нивна, со разработени нивни математики и калкулации, сега ние родителите се чувствуваме изманипулирани на еден начин“, изјави Томчо Стојанов, татко на загинатиот Андреј Стојанов.
Обвинети во предметот се 35 физички и три правни лица за „Предизвикување тешки дела против општата сигурност“, а во обвинението е опфатен 13-годишен период во кој се направиле низа системски пропусти кои доведоа до овој трагичен настан. Предметот го бранат дури 15 обвинители, а судечкиот совет ќе го предводи судијката Дијана Груевска Илиевска. Таа веќе им ги кажа правата на обвинетите и побара дисциплина од сите учесници. Рече дека секое барање за одлагање со лекарско уверение ќе биде проверено и за неоснованите ќе има санкции. Вети транспарентност истакнувајќи дека знае за болката и тагата на родителите и дека се ќе стори за постапката да тече нормално.
С.Д.
