Дали државата ги измеша социјалната политика и уставните принципи? Уставните судии од денеска почнаа да го расветлуваат едно од клучните прашања – линеарното зголемување на пензиите. Колку ваквата исплата на примањата на највозрасните граѓани е правично или пак може би против уставно. Судот добил 20 тина иницијативи од граѓани во кои наведуваат дека со овој начин на исплата има нееднаков третман. Во зголемувањето на пензиите не се пресметува растот на трошоците за живот и просечната плата, туку тие се исплаќаат паушално.
По ова судот по сопствена иницијатива ќе го разгледа ова прашање, за кое денеска оформи и предмет.
И Комисијата за заштита и спречување од дискриминација утврдила дека околу 12 илјади пензионери кои стекнале право на пензија во земјава но живеат во странство, по законските измени пред неколку месеци со тоа што не го добиле второто линеарно покажување од 2500 денари се дискриминирани.
Пред неколку месеци Собранието изгласа измени во Законот за пензиско осигурување во кој се вметна одредба дека пензиите се исплаќаат на територијата на државата.
И за ова Уставниот суд има добиено иницијатива од граѓани по која допрва треба да се одлучува.
Пред да се одлучи пензиите да се исплаќаат линеарно, се применуваше Швајцарски модел односно во зголемувањето на овие примања се пресметуваше растот на трошоците за живот и просечната плата, кој тогашната влада го бранеше како најправедно решение без владини интервенции.
Инаку, речиси 2 милијарди евра ќе чинат пензиите идната година. Дел од оваа сума или околу 700 милиони евра ќе се покрие од буџетот за да може ПИОМ да ги исплати примањата на највозрасните. Ова го покажуваат бројките во новиот документ за државната каса. Може да се види дека во 2026 година за пензии ќе има речиси 10 отсто повеќе пари.
Ова е уште еден доказ дека состојбата со пензискиот фонд не е најдобра и продолжува да се зголемува дотурот на пари од државната каса.
Ирена Чачкова
