Единаесет уапсени и еден во бегство, најверојатно во Грција. Обвинителството и министерството за внатрешни работи (МВР) со детали за аеродромската група која преку лихварство од луѓе во финансиски проблеми успеала да извлече над два милиона евра. МВР објави и снимки од запленети луксузни возила и мотоцикли кои биле купувани од парите стекнати со лихварство и потоа легализирани со исплати од фирма која, исто така, е опфатена со истрагата. Групата ги наплаќала долговите со камата од 5 или 15%, а доколку должниците не враќале дополнително ја зголемувала каматата.
„Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. А кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица“, соопштуваат од МВР.
Групата почнала да функционира во 2022-та година, соопштија обвинителството и МВР. Парите, околу 125 милиони денари, на различни начини биле внесувани во легалните текови, а биле користени и банкарски сефови. Поради тоа, надлежните сметаат дека е извршено „перење на пари“. Припадниците на групата, со парите плаќале и за услуги или предмети на други фирми. Била користена и една фирма која е поврзана со дел од осомничните.
„Дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби. Со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина“, додаваат од МВР.
Оосмничените се на возраст од 25 до 73 години. Истрагата проверува дали припадниците на групата учествувале или организирале и палења на автомобили на своите должници.
Миомир Серафиновиќ
