Еден од најпознатите природни реткости во Македонија, споменикот на природата „Куклица“, е во заложништво на приватни интереси и незаконско управување, алармираат од Општина Кратово.
Во најновото официјално соопштение, локалната самоуправа ја извести јавноста дека е спречена да ги извршува своите законски обврски за заштита и одржување на локалитетот поради долгогодишна „бесправна и неоснована узурпираност“ од страна на Здружението „Извор“ – Кратово.
Од Општина Кратово директно ги посочуваат Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх како лица кои противправно владеат со просторот.
Според тврдењата на општината, овие лица неовластено наплаќаат влезници од домашни и странски туристи, со што остваруваат противправна имотна корист.
Уште позагрижувачки се наводите за безбедноста на посетителите. Општината тврди дека се пријавени бројни случаи на:
– Лажно претставување и насилничко однесување;
– Заплашување на туристите;
– Користење на кучиња за заплашување на оние кои го посетуваат локалитетот.
Случајот веќе има и судска завршница во прв степен.
Општина Кратово обезбедила пресуда (П1 бр. 7/2025) со која здружението „Извор“ и споменатите лица се задолжуваат да го предадат локалитетот во владение на Општинската установа „Музеј на град Кратово“. Пресудата предвидува и отстранување на дрвената куќичка (брвнара) и сите предмети од просторот.
„Пресудата во моментов е на второстепена инстанца. Веднаш по нејзината правосилност, очекуваме брза и ефикасна акција на овластен извршител, со поддршка од Министерството за внатрешни работи,“ се вели во соопштението.
Општината досега поднела и неколку кривични пријави за узурпација на недвижности (К.бр. 22/2026 и К.бр. 7/2027), а известени се и Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи (УЈП). Сепак, локалните власти изразуваат незадоволство од досегашната ажурност на државните институции, оценувајќи ги нивните одговори како „паушални констатации“.
- „Општина Кратово останува посветена на заштитата на јавниот интерес и природното наследство, но бараме поголема вклученост и итно постапување од сите надлежни органи за да се прекине овој повеќегодишен хаос,“ порачуваат од кабинетот на Градоначалникот.
Локалитетот „Куклица“, познат по своите камени фигури, е прогласен за споменик на природата со закон во 2008 година, со што државата и општината имаат примарна одговорност за неговото зачувување.
Пред еденд ен Станојковски Марио испрати и апел до медиумите. Локалитетот „Куклица“ стана зона на беззаконие и изнуда – алармираат револтирани граѓани. Според најновите сведоштва, самопрогласени „газди“ физички го блокираат влезот на јавниот простор, додека од странски туристи противправно наплаќаат влезници од 10 до 20 евра, без фискална сметка и со тврдење дека локалитетот е приватна сопственост.
Посетителите сведочат за ароганција, туркање и измами, додека младенци и натаму се принудени да плаќаат во кеш за свадбени фотографии. „Ова е срам за државата и директен удар врз туризмот“, велат очевидци кои најавуваат видео-докази за самоволието на портата на овој споменик на природата. Институциите се на потег – до кога ќе се молчи пред узурпацијата на јавното добро?
