Приватните автобуски превозници во Скопје од утре ќе сообраќаат по редовен возен ред. ЈСП попладнево уплатило по 6 милиони денари на трите компании, потврди за МИА сопственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.
„Денеска во 16 часот добивме информација дека нѝ се уплатени по шест милиони денари по пакет и после кординацијата со превозниците утре се враќаме да возиме по зададен возен ред. Сумата не е многу голема, меѓутоа ние кажавме да ни се уплати одредена сума за да можеме да продолжиме. Тоа задоволува за наредните две недели да возиме редовно и се надеваме дека во тој период ќе имаме средства односно уплата од ЈСП за да можеме без прекин да работиме“, рече Зафировски.
Тој потсети дека автобусите имаат потреба од редовно сервисирање, како и секојдневна употреба од гориво за да возат и нагласи дека поради овие трошоци мора редовно да им се уплаќаат средства за да нема прекин, а граѓаните да не чекаат по автоубските станици.
Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ кои сообраќаат во Скопје во петокот побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари од кој, како што изјавија, во момент биле доспеани 90 милиони денари. Тие денеска возеа редузирано од 5 до 10 часот, а од утре се враќаат по редовен возен ред.
