Вести Македонија

Девет од дваесет пациенти се јавиле на дополнителен преглед на Пулмологија

Од 20-те повикани само девет пациенти викендов биле на дополнителни прегледи на Клиниката за Пулмологија, откако пред пет дена им беше направен бесплатен скрининг. На теренските прегледи се пожалиле на печење на очите, носот и грлото, чувство на стегање во градите и отежнато дишење поради загадениот воздух. Од оние кои дошле на дополнителен преглед на Клиниката не е задржан.

„На Клиниката за Пулмологија беа упатени пациенти со недоиследена хронична респираторна болест или пациенти кои веќе имаат хронично респираторно заболување, но слабо контролирано заболување, за кое има потреба од ревизија на терапијата од страна на специјалист пулмолог. Нема задржани пациенти за хоспитализација во нашата Клиника, само им е ревидирана терапијата“, велат од  Клиниката за Пулмологија и Алергологија.

И додека здравствените институции го скенираат населението кое беше изложено на пожарите, дел од фелата алармира дека проблемот е многу поголем.

Експертот по јавно здравје и професор на медицинскиот факултет, Драган Ѓорѓев, предупредува дека аерозагадувањето е една од главните причините за зголемен број на карциноми. Потенцира дека во главниот град е опасно да се живее особено во зима – имунолошкиот систем на скопјани е загрозен децении наназад.

„Нема орган во кој аерозагадувањето не влијае. Значи тие честички влегуваат во крвниот систем, ги оштетуваат крвните садови, така да веќе имате пореметување на целиот васкуларен систем, одат во мозокот, па ако има и тешки метали може да се оштети мозокот, кај децата може да имаме и аномалии, дури и некои студии кажуваат и за аутизам, значи предвремени породувања или абортуси кај жените. Некои студии го врзуваат аерозагадувањето комбинирано со генетските аномалии како причина во одреден број на случаи на канцер на гради кај жените, којшто е прв тип на канцер кај нив. Исто така, некои студии го врзуваат канцерот на мочниот меур со аерозагадување, зависно од канцерогени материи кои не се мерени“, вели Проф.  Драган Ѓорѓев – Експерт по јавно здравје и професор на Медицински факултет

Пред половина месец главниот град беше завиен во црн чад откако избувна пожар во фабрика за електронски отпад. Пожарот беше изгаснат за десетина часа, но мештаните се жалат чадот не престанувал долго ни по неговото гаснење.? Надлежните направија неколку мерења на воздухот и резулатите покажале дека имало 12 пати повеќе од дозволената количина на кадмиум и за 50 отсто зголемено загадување е детектирано на олово и арсен.

Обвинителството отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“ со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. На Дамевски му е одреден триесетдневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор. Освен пожар во скопско Трубарево, огнени стихии ја зафатија и дивата депонија во Вардариште и депонијата Дрисла.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украинците протестираат заради разрешувањето на министерот за одбрана

Kristina Kuzmanovski

Николоски: За набавка на нови автобуси аплицираа четири фирми

Tea Dimkovska

Министерот Сулејмани излезот од проблемот со пресметките на платите во културата го гледа во Законот за култура

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе