Вести Свет

Трамп со жестока критика на ОН и земјите членки во говорот во ОН – завршете го експериментот на отворени граници или вашите земји одат во пеколот!

Требаше да зборува 15 минути а говорот му траеше речиси еден час. Американскиот претседател, Доналд Трамп, во своето обраќање пред Генералното Собрание на ОН, зборуваше за најразлични теми, од признавањето на Палестинската државност, руската војна против Украина, но и повеќе други теми за кои вообичаено зборува на своите митинзи и настапи пред американската публика. Сите најголеми хитови од десничарската агенда на својата администрација.

Трамп жестоки ги критикуваше Обединетите Нации, како организација која го изгубила своето место на меѓународната сцена. Ја обвини светската организација дека ја овозможила инвазијата на западните земји со имигранти.

Повторно се пофали, дека тој лично успешно завршил 7 војни во светот. Овој пат го избегна гафот од пред неколку дена кога кажа дека ја завршил војната меѓу, цитирам „Абербејџан“ и Албанија.

„Меѓу нив се Камбоџа и Тајланд, Косово и Србија, Конго и Руанда, тоа беше жестока, насилна војна. Пакистан и Индина, Израел и Иран, Египет и Етиопија и Ерменија и Азербејџан. Сите овие војни. Ниту еден претседател или премиер, или поточно, ниту една друга држава никогаш досега не направила нешто слично. И ова го направив во само седум месеци. Тоа не се случило претходно. Никогаш вакво нешто не се случило. Многу сум почестен дека го направив ова“ -изјави Доналд Трамп.

Во однос на признавањето на Палестина, Трамп го повтори ставот дека тоа е награда за Хамас, барајќи итно ослободување на заложниците. За војната на Русија против Украина, повтори дека мислел дека најлесно ќе ја заврши, но се покажало дека не е толку едноставно.
Но, она на што посвети најмногу време американскиот претседател во своето обраќање на Генералното Собрание на ОН, беше критика на светската организација, критика на имиграционите политики и на климатските промени, кои ги нарече најголемата измама во историјата на светот.

„Имиграцијата и нивните самоубиствени идеи за енергетска политика ќе бидат смртта на Западна Европа ако нешто не биде веднаш направно. Тие не можат ова да го одржат. Кога вашите затвори се полни со ткн „барачи на азил“, кои на љубезноста одговараат со криминал, време е да му се стави крај на неуспешниот експеримент на отворени граници, мора веднаш да го завршите. Јас сум многу добар во овие работи. Или вашите земји ќе одат во пеколот“ – предупреди американскиот претседател.

Во своите критики на Обединетите Нации, Трамп не ја поштеди ниту техничката опрема во светската организација, измамувајќи по некоја насмевка во преполната сала на Генералното Собрание.

„Сѐ што добив од Обединетите Нации беше лифт, кој додека се качувавме, застана на средината. Ако првата дама не беше во одлична форма, ќе паднеше, но таа е во одлична форма. Двајцата сме во одлична форма и затоа се задржавме. А потоа добив и телепромптер (идиот) кој не работеше. Ова се две работи кои ги добив од Обединетите Нации. Лош лифт и лош телепромптер. Ви благодарам многу. И патем, сега работи. Предмалку работеше. Ви благодарам“ – рече Трамп.

Ако сакате да бидете како Америка, која сега е во најдобриот период од својата историја, ви требаат силни граници и традиционални извори на енергија, заклучи американскиот претседател, Доналд Трамп.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шпанија на полувреме води против Франција

Kristina Kuzmanovski

Иран го нападна Јордан

Kristina Kuzmanovski

Сообраќaјна несреќа на автопатот Тетово-Скопје, километарски колони на возила и голем застој

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе