Комисија на ООН која ја истражуваше војната во Појасот Газа и постапките на Израел во водењето на таа војна, заклучи дека земјата врши геноцид врз Палестинците.
„Комисијата заклучи дека изјавите на израелските функционери се директен доказ за геноцидни намери. Комисијата исто така заклучи дека моделот на однесување е индиректен доказ за геноцидни намери, и дека геноцидните намери се единствениот разумен заклучок до кој може да се дојде по сите овие докази“ потенцираше Нави Пилеј, претседателка на Комисијата на ООН.
Комисијата на светската организација соопшти дека израелските постапки исполнуваат 4 од петте општо прифатени чинови кои претставуваат извршување геноцид врз еден народ. Убивање на членови на една група, предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членови на една група, наметнување услови за живот чија намера е физичко уништување на целата или дел од групата и наметнување мерки кои имаат за цел намалување на наталитетот на групата.
„Комисијата смета дека израелските политички и воени лидери се функционери на државата Израел. Според тоа, нивните постапки ѝ се припишуваат на државата Израел. Затоа, комисијата заклучува дека државата Израел сноси одговорност за нејзиниот неуспех да го спречи геноцидот, неговото извршување и неуспехот да ги казни извршителите на геноцид врз Палестинците во Појасот Газа“, изјави Нави Пилеј, претседателка на Комисијата на ООН.
Објавувањето на извештајот се совпадна со почетокот на копнениот дел од израелската операција за окупација на најголемиот град кој го носи името на Појасот. Израелските медиуми објавија дека по неколку недели интензивно бомбардирање, тенкови на израелската армија навлегле во градот.
Токму објавувањето на оваа операција беше пресвртната точка во поддржувањето на Израел кај многу западни земји, многу од кои најавија признавање на палестинска држава на Генералното собрание на ООН кое е во тек, но не е мал бројот и на тие кои разгледуваат посериозни чекори, како санкции и ембаргоа врз Израел.
Игор Трајков
