Закажана па откажана надзорната комисија за тајните служби. Претседателот на комисијата Скендер Зејд Реџепи воопшто не добил барање за да ја свика седницата и ја обвини владечката коалиција и спикерот Африм Гаши дека постапиле спротивно на деловникот и сам ја свикал комисијата. Откако ги предупредил службите во Собранието за потенцијално кривично дело, комисијата е поништена, тврди Реџепи.
- Содветно на тоа јас имам право да поднесам пријава против него и таквата изјава му ја пренесов нему преку нашиот координатор и затоа тој денеска мораше да ја поништи седницата, рече Реџепи.
На новинарско прашање дали е пријавата кривична, Реџепи одговори дека ќе била кривична деколку се одржела седницата денеска, „но состанокот не се одржа“.
Власта пак определила час и датум за посета на АНБ, на 9-ти во девет, и вели дека комисијата мора да се одржи денеска. Велат не е проблем во деловничките пречки туку треба суштински да се гледа и да се влезе во АНБ за да се проверат наводите дали имало злоупотреби со следење на политичари, новинари и јавни личности.
- Наш императив е на деветти, во девет часот наутро, Комисијата за надзор да биде во АНБ. Значи, првиот работен ден од денес, Комисијата да биде во АНБ со цел да се запознае со сите списи и сите документи за она што се случувало. Сè друго, освен тоа, е изигрување на волјата на граѓаните и на јавниот интерес бидејќи посета на АНБ во најбрз можен рок е дел од јавниот интерес, рече Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНE.
По прес конференциите, спикерот Гаши испратил ургенција и барање до Реџепи итно денеска да ја свика седницата, а претседавачот на комисијата вели дека ќе одлучи кога таа корисија ќе биде согласно неговиот распоред за обврски.
Спикерот Африм Гаши кога го прескокна Зејд Реџепи, повикувајќи се на негова прес конференција, наложи комисијата да ја води опозиционерката Славјанка Петровска. Таа вели, кога ќе се закаже и ми се наложи ќе ја водам.
- Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но, час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината, изјави Славјанка Петровска од СДСМ.
Многу политички игри и импровизации се случуваат со надзорот во АНБ со што во втор план паднаа обвинувањата за злоупотреби. Дополнително, собраниската надзорна комисија е закочена бидејќи АНБ и ДБКИ повеќе од десет месеци не му даваат позитивен одговор за безбедносен сертификат на претседателот на комисијата со што тој не може активно да учествува во надзор на тајната служба која му го одолговлекува одговорот.
- Тоа традиционално било кај нас службите да си изиграваат „шерифи“ и да даваат сетрификати на кого што сакаат, рече Реџепи.
За конкретниот случај, решението е просто и законско, Зејд Реџепи да добие привремен сертификат и да има увид во спорните документи, предлага Петровска.
Миомир Серафиновиќ
