Северноатлантската алијанса (НАТО) во 2024 година ѝ обезбедила на Украина оружје и воена опрема во вкупна вредност од 50 милијарди долари, а слично ниво на поддршка е планирано и за оваа година, изјави претседателот на Воениот комитет на Алијансата, Џузепе Каво Драгоне.
„Земјите од НАТО обезбедија 99 проценти од целата воена помош. Во 2024 година таа достигна 50 милијарди долари. Во 2025 година веќе достигнавме 33 милијарди долари, но до крајот на годината ќе ја изедначиме претходната бројка“, рече Драгоне во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Тој нагласи дека Алијансата има намера да продолжи да испраќа оружје во Киев, па дури и да ја зголеми сегашната помош.
Драгоне потсети дека пред околу 40 дена, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и неговите советници, е формирана „Приоритетна листа на потреби на Украина“ (PURL), која ја составиле самите Украинци. Во рамките на оваа програма, досега е испорачано оружје во вредност од 1,5 милијарди долари.
„Постојат три пакети, секој во вредност од околу 500 милиони евра. Првиот беше финансиран од Холандија на почетокот на август, вториот од Данска, Финска и Шведска, а третиот од Германија кон средината на месецот“, прецизираше тој.
Според претседателот на Воениот комитет на НАТО, најголемиот дел од испораките се однесуваат на системи за воздушна одбрана за заштита од ракети и беспилотни летала, како и разни видови муниција.
