„Од своето село, од својата Слоештица Петре М. Андреевски направи еден посебен свет кој е една од најпрепознатливите точки во македонската поетска географија. Во тој волшебен вилает секојдневните селски работи течат паралелно со дејанијата на невидливите натприродни сили“ изјави академик. Влада Урошевиќ.
Со овие зборови академик Урошевиќ се осврна на сета поетика на Слоештица родното село на Петре М. Андреевски, великанот на македонската книжевност.
Година дена подоцна социјалните мрежи ги разбранува реакцијата на истакнатиот македонски сликар Сергеј Андреевски, кој е син на Петре М. Андревски дека влагата и покривот кој прокиснува и негрижата на надлежните институции се директна причина за пропаѓање и уништување на меморијалната поставка во чест на неговиот татко во с .Слоештица. Со отворено писмо до министерот за култура и премиерот се обрати и истакнатиот македонскиот писател, професор и дописен член на МАНУ Венко Андоновски.
„Да докажуваш дека Петре го заслужува тоа – минимална почит од сопствениот народ, е како да докажуваш дека Сонцето свети. Е па, свети. Нема да го угаснете ни со влага, ни со мемла, ни со молк и бојкот. Молкот и бојкотот се само духовна мемла“ се огласи Венко Андоновски на социјалната мрежа „Фејсбук“.
На повеќето обвинување содржани во објавата на Андоновски за негрижата кон сето она што зад себе го остави Андреевски веднаш реагираше градоначалникот на општина Демир Хисар кој во телефонски разговор за Телма рече дека во секој миг може да дојдеме и да се увериме за состојбата додавајќи дека објектот е во сопственост на Општина Демир Хисар, а неговото управување е доверено на невладина организација избрана на јавен повик, спроведен и усвоен од страна на Советот на Општината, согласно сите законски и демократски процедури.
Тој сподели и фотографии кои се направени утринава.
Јас истото и во приватна порака му го напишав на Венко Андоновски од каде што произлезе овој фб пост, но за жал се уште немам негов одговор.Значи ако имало прокиснат покрив или ако имало влага ние сигурно тоа не го средивме вечерта, така ? Станува збор за тенденциозна и невистината објава, зошто и како е потикната ќе оставам вашите гледачи да проценат“ рече Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар телефонски за Телма.
– Дали стапивте во контакт со Сергеј Андреевски?
„Не, не сум стапил, побарав негов број од господинот Венко Андоновски, но се уште немам никаков одговор“ додаде Најдовски.
Реагираше и министерот Љутков дека и покрај тоа што станува збор за поставка која формално не е под ингеренции на Министерството за култура, тој како министер чувствува одговорност да реагира и да делува – затоа што кога станува збор за великан како Петре М. Андреевски, културната должност е над административните граници. За да се увери во каква состојба е објектот на 18 август ќе ја посети Слоештица, нагласувајќи дека до овој момент до него како министер за култура не е пристигнат никаков официјално допис, ниту известување за условите во кои се наоѓа меморијалната поставка.
Во меѓувреме Телма се обиде да стапи во контакт со Сергеј Андреевски, но до овој момент тој не одговори на нашите пораки и повици.
Нина Стефанова
