Лекарската комора нема да му ја одземе лиценцата за работа на анестезиологот Ваљтон Дервиши од клиничката болница во Тетово, кој незаконски снимаше пациентки и ги објавуваше во живо на социјалната мрежа Тик-Ток.
Од Лекарската комора тврдат дека на пациентите не им пречело тоа што докторот ги споделувал видеата на социјалните мрежи. Ова според нив е причината поради која судот не побарал од нив да му ја одземат лиценцата на Дервиши. Без таква одлука на комората и се врзани рацете. Таа нема ингеренции да го спречи анестезиологот да продолжи да ја врши дејноста.
„Не оди на работа, но сега за брзо ќе почне. Неговата лиценца беше привремено одземена, а тој ја обжалуваше цело време. Нема судска пресуда. Колку што знам и на пациентките не им пречело тоа што биле снимани. Процесот се уште е во тек во лекарската комора, ама помина и повеќе време од што можеме да му ја одземеме, а тој за цело тоа време не работеше“, вели д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора
И покрај противењето на ваквата одлука на судот, раковоството на тетовската болница ќе мора да го врати докторот Тик-токер на работа. Оттаму веднаш поднесоа жалба, по која се уште се постапува.
Инцидентот се случи во 2023 година, и предизвика бурни реакции во јавноста, а неговиот профил на социјлната мрежа беше блокиран. Докторот беше приведен, суспендиран и осуден на 15 месеци затвор. Но, со последователни судски одлуки, затворската казна му беше намалена.
Тамара Марковска
