Високите темератури и препораките на надлежните институции во време на топлотен бран голем дел граѓани ги почитуваат, сепак дел од граѓаните велат дека мораат токму во најтоплиот ден од денот да бидат на закажаниот термин за преглед во Клиничкиот центар. Човек е доведен во ситуација кога мора да внимава на сопственото здравје и покрај тоа што функционира во контрадикторни околности.
-Јас гледам да ги почитувам тие мерки, но имав закажан термин, така што морав да го испочитувам. Имам проблеми, но брзам што поскоро да стасам дома.
-Ние ги почитуваме мерките, но што да правиме кога сме болни.
Дали барем прегледите за кои што сте дојдени се одвиваат брзо ?
-Брзо, брзо и добро работат. И тие се под такви услови што да прават, има многу пациенти.
-Имаме термин ние во Кардиологија. Дали ги почитувате мерките ? Нормално да, но денеска морам, да ги извадам конците, велат граѓаните.
Во моментов на Универзитетската клиника за кардиологија не се забележува зголемен број на амбулантски прегледи и бројот на пациенти е стабилен во споредба со претходните месеци. Според доктор Георгиева сето ова се должи на фактот дека хронично болните пациенти и пациентите со кардиоваскуларни болести ги почитуваат препораките за време на топлотен бран. Сепак со апел до нив:
„Ние апелираме да се придржуваат кон препораките и да нема директна изложеност на температура и светлина помеѓу 10 и 16 часот. И доколку станува збор за рутински преглед, во смисла на продолжување хронична терапија итн, пациентите да не доаѓаат во овој дел од денот на преглед освен итните медицински состојби кои што нормално бараат акутен третман, така што би апелирала до населението да внимаваат во кој дел од денот доаѓаат на работа. Се разбира тука е и доволен внес на течности и колку што е можно повеќе да бидат во разладени и климатизирани простории, изјави д-р Александра Георгиева од Универзитетска клиника за кардиологија.
Топлотниот бран ќе се задржи до крајот на неделата, што подразбира граѓаните без оглед на возраста и здравствената состојба би требало да ги следат препораките на надлежните институции, сведувајќи ги на минимум ризиците по сопственото здравје.
