Кирил Псалтиров покажа и докажа дека актерот е голем и во најмалата улога. Ова го кажа в.д. директорот Никола Кимовски, на денешното сеќавање за актерот Кирил Псалтиров, кој почина 2021 година на 79 годишна возраст, но поради мерките против короната, комеморација не се одржа. Затоа, со денешниот настан МНТ му оддаде почит и го започна одбележувањето на јубилејот- 80 години постоење на театарот, во чиј сценски живот се вгради и Псалтиров.
- „Тој беше еден од оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може да се замисли речиси ниту една претстава. Се памети по вештината која го направи секој лик карактеристичен и му го даде најдоброто од себе, во него. Многу посветено и дисциплинирано му даде своја душа , влегувајќи во ликови кои не се први на листата на учесници. Тој покажа и докажа дека актерот е голоем и во најмалата улога“ изјави Никола Кимовски в.д. директор на МНТ.
Псалтиров е роден во Кочани , на 11 октомври 1941 година. Беше дел од првата генерација дипломирани актери на ФДУ, во 1973 година. Од следната година МНТ му стана матична куќа , во која остана до пензионирањето.Одигра бројни улоги, меѓу кои во претставите „ Госпоѓа министерка“, „ Чорбаџи Теодос“, „ Женидба“, „Ревизор“. Но, особен печат остави со ликот на Тевје во мјузиклот „Свирачот на покрив“.
- „Беше исклучително успешна претстава. И јас се сеќавам како дете, кога татко ми го имаше првиот настап заедно со целиот ансамбал, кои што извонредно ја креираа наа приказна во „Свирачот на покрив“. Јас мислам дека не сум бил на театарски претстави, а сум бил на многу, каде што преку 5-6 пати се спушташе и се креваше завесата. И каде што имаше толку овации. Јас мисла дека 10-15 минути стоевме на нозе. Знам дека многу плачев од радост, од возбуда“ изјави Илија Псалтиров- син на Кирил Псалтиров.
Во врска со „ Свирачот на покрив“, анегдота со Псалтиров сподели актерката Снежана Конеска- Руси. Таа кажа дека тој така висок, ја замолил неа, така малечка, да се потргне, да не го покрива на сцената.
Псалтиров играше и на филм и во ТВ серии, а особено беа забележани неговите рољи на војводите Христо Узунов и Дедо Иљо Малешевски , во „Тврдокорни“ и „Македонски народни приказни“. Со изразени национални чувства, на 19 години кратко бил во затвор, а желбата да придонесе кон општествениот развој на Македонија, ја манифестира двапати како советник во општина Гази Баба, од ВМРО-ДПМНЕ.
На денешното сеќавање на актерот, беше откриена негова биста- дело на академскиот скулптор, Петре Наневски. А, синот Илија ја изведе нумерата „Во одаите на мојата душа“, зашто како што кажа, неговиот татко сакал песна и често заедно пееле.
Сотир Трајков