Да се сочува детето во себе, да верувате во магија и дека борбата меѓу доброто и злото со кои се среќаваме уште во најрана возраст низ сказните ќе не следат целиот живот само ние се менуваме во начинот на кој реагираме тоа се клучните нешта за да се привлече и задржи вниманието на едно дете, вели Гоце Цветановски режисер на првиот македонски долгометражен анимиран филм „ Јон Вардар против Галаксијата“.
- „Во однос на вниманието не е случај само кај новите генерации, мислам дека сите го изгубивме трпението и сите се брзаме некаде. Во овој филм се трудев да задржиме едно многу брзо темпо, значи сцените се една до три минути најдолго и цело време се менува има некои пресврти. Во мојот свет магијата е возможна, постојат вонземјани, некои од нив не се бањаат. Мислам дека хумор, динамика искреност тоа е тоа што комуницира со децата“ изјави Гоце Цветановски, режисер.
Да говорите за љубовта и толеранцијата, да пратите порака против војните и секоја дискриминација и при тоа во ниту еден миг детето да не почувствува дека му се наметнувате со подучување има многу ефикасен начин а тоа е низ хуморот и играта, вели Цветановски. Детето може да ти постави прашање дури и за самиот филм, за нешта за кои до тогаш не си бил свесен
- „Секогаш сакам да комуницирам со деца и да откријам нешто со нив, бидејќи размислуваат поинаку, не се инхибирани од реалноста. Нивната љубопитност и имагинативност е многу поголема од нашата“ изјави Гоце Цветановски, режисер.
Со проекцијата на филмот „Јон Вардар против галаксијата“ во Кинотеката на Македонија денес започна јануарската магија за најмладите „Кино утро“ која има за цел да ги доближи најмладите до филмската уметност и да го разбуди нивниот интерес за киното како посебно доживување. Ќе им помогне на децата да ја разберат важноста на уметноста и раскажувањето приказни, велат организаторите.
Нина Стефанова